На 41-годишна возраст денеска почина Зорица Димовска Митева од Струмица, одделенски наставник во ООУ „Даме Груев“ во Куклиш, сопруга и мајка на две деца.
Веста за нејзината прерана смрт ја соопштија од училиштето преку објава на социјалните мрежи, изразувајќи длабока тага и сочувство до семејството.
„Почитувани ученици, почитувани родители! Со болка во душата, денес се простуваме од нашата колешка и вашата учителка Зорица Димовска Митева. Ќе ја помниме по посветеноста кон работата, љубовта кон учениците, топлата насмевка и енергијата со која сјаеше“, стои во објавата на училиштето.
Од ООУ „Даме Груев“ додаваат дека нејзиниот придонес во образованието и односот кон учениците ќе останат трајно запаметени.
Во 2024 година, Општина Струмица на Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј ѝ додели плакета и признание за најдобар одделенски наставник, како потврда за нејзината професионалност и посветеност.
Погребот на Зорица Димовска Митева ќе се одржи утре, понеделник во 14:00 часот на Градските гробишта во Струмица. Претходно, од 12:00 до 14:00 часот, посмртните останки ќе бидат изложени во Градската капела.




