На денешното судско рочиште за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски сведочеше прва братучетка на мајката на девојчето. Таа раскажа дека деновите кога се трагало по Вања таа била во домот на братучетката Зорица, за да и даде поддршка, извести Фокус.
-Во 11 часот ми се јави Зорица и ме извести дека ја нема Вања. Тој ден пребарував во Дебар Мало, низ кафулиња, а потоа, од вторникот, бев во домот на Зорица. Тогаш гледавме снимки со таткото на Вања и тогаш константиравме дека Вања е земена од пред зграда, бидејќи не се гледаше како излегува. Потоа во следните денови дојде и пријател на Александар, Гоце, и тој ги гледаше снимките. Во еден момент дојде во дневна, рече го видовме возилото ,,цитроен” што се бара, а и некој човек.
Рече да не е некој педофил, па да ја грабнал.
Таткото Александар беше вознемирен, излегуваше, влегуваше, бараше. Цело време на Зорица и велеше не се секирај, ќе ја најдам. Јас немав многу комуникација со него. Само ми рече да пратам порака на Илион Маск да ја најде преку сателит, што ми беше чудно, како јас него да го најдам, сведочеше Маја Спироска.
Таа рече и дека од родител чие дете учело со Вања била известена дека во групата на вибер на родителите Александар испратил порака, а потоа ја избришал.
-Ми кажаа дека напишал, „Вратете го детето ќе ви дадам пари“. Но, јас не ја видов пораката, рече братучетката на Зорица.
Судењето го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска.