Пристигнуваат тестовите за дрога – што треба да знаете?

Во наредните денови сообрќајната полиција ќе ги добие брзите тестови за дрога, но се уште не се знае кога сообраќајците ќе почнат да ги користат.

Тестовите на плунка ќе детектираат присуство на психоактивни супстанци како ТХЦ-то од марихуаната, кокаинот, амфетамин, метанфетамин, морфиум, хероин, екстази, седативи. Одговор полициските службеници ќе добијат за десетина минути.

Меѓутоа, се јавува една дилема – колку овие тестови ќе бидат релевантни, со оглед на тоа што овие супстанци остануваат во човековото тело по неколку денови по конзумацијата.

Токсиколозите велат дека ќе мора да се направат дополнителни конфирматорни тестови за се утврди дека еден возач навистина вози под дејство на супстанци.

-Тоа многу ќе помогне. Да речеме, зимаме плунка, докажуваме присуство – веднаш лицето под полициска придружба се носи во првата здравствена институција кадешто му се зема биолошки материјал. Најдобро е да се земе крв, меѓутоа, може да се земе и урина во којашто ние ќе одредиме концентрација на опојната дрога. Со тоа можеме да бидеме сигурни дали односниот или соодветниот субјект, возачот, е под дејство на опојни дроги, вели др. Андон Чибишев.

За оваа дилема го прашавме Министерството за внатрешни работи, од кадешто велат дека токму конфирматорните тестови ќе бидат тие кои ќе докажат дали едно лице вози под дејство на супстанци или нивното дејство веќе завршило.

-Тестовите за детекција на присуство на дрога во организмот кои ги набави МВР се прелиминарни тестови со кои се утведува присуство на психотропни супстанци во организмот. По спроведено брзо тестирање, за анализи со конфирматорен метод неопходни се биолошки примероци како крв и урина. Зависно од тоа дали е сторен прекршик и/или кривично дело, во постапката може да се вклучи и Јавен обвинител кој ќе ја диктира динамиката за понатамошно постапување, велат од МВР.

Чибишев во гостувањето на утринската на Сител „Ја сакам Македонија“ кажа дека постојат посебни услови кои можат да влијаат на тоа како телото се справува со супстанците и за колку време ќе ги исфрли супстанците.

-Има влијание физичката подготвеност. Тежината, полото, имаат влијание како соодвениот организам ја прима дрогата и како таа во одредени процеси во организмот се матобилизира и се ослободува од организмот. Меѓутоа, земениот кокаин, или земената марихуана или земените опијати тие ќе вртат во организмот најмалку 24 часа без разлика колкава е тежината, староста, полот, ќе вртат најмалку 24 часа.

МВР со последните законски измени во кои го постави теренот за функционирање на Сејф Сити, ги вметна и овие брзи тестови за дрога. Во првата набавка треба да пристигнат 10.000 тестови.

Претходна вестУХМР најавува пресврт со пороен дожд и пад на температурите – еве и кога