СДСМ денеска соопшти дека, според нивните информации, и водата во Крушево е бактериолошки неисправна за пиење, обвинувајќи ја Владата за, како што велат, сериозни пропусти во системот за контрола на квалитетот на водата.
Од партијата посочуваат дека, по случаите во Гостивар, Валандово и болницата во Лешок, сега и Крушево се соочува со проблем со водоснабдувањето.
„За само неколку дена имаме четири случаи на загадена вода за пиење. Колку градови уште користат неисправна вода, а јавноста не е информирана? Додека премиерот Христијан Мицкоски отвора базен во Кавадарци, голем број граѓани немаат безбедна вода за пиење“, наведуваат од СДСМ.
Партијата оценува дека не станува збор за изолирани инциденти, туку за, како што тврдат, системски проблем предизвикан од несоодветно управување и кадровски решенија.
Во реакцијата поставуваат прашање дали ќе биде извршена проверка и на водата во новоотворениот базен во Кавадарци, како и дали се применуваат истите стандарди за контрола како и во другите средини каде што беа регистрирани проблеми.
СДСМ упати и остри критики кон Владата и премиерот, оценувајќи дека состојбата е резултат на, како што наведуваат, нестручно раководење со институциите и побара итни мерки за обезбедување безбедна вода за пиење за сите граѓани.




