Три лица го загубија животот во тешка сообраќајна несреќа што се случи во близина на Нови Сад, откако автомобил „Фолксваген Голф“ излетал од коловозот, се превртел и завршил во канал покрај патот.
Според првичните информации од српските медиуми, зад воланот бил 32-годишен возач, кој на остра кривина, од засега непознати причини, ја изгубил контролата над возилото. Автомобилот излетал од патот, паднал во канал исполнет со вода и останал превртен на покрив.
Се претпоставува дека несреќата се случила во текот на ноќта или во раните утрински часови, но не била веднаш забележана. Според неофицијалните информации, тројцата патници најверојатно се враќале од риболов.
Возилото било откриено откако случајни минувачи забележале траги од кочење и делови од автомобилот покрај патот. По нивната пријава, на местото веднаш пристигнале полициски службеници, екипи на Итната медицинска помош и припадници на противпожарната служба.
По извлекувањето на возилото, спасувачките екипи ги пронашле безживотните тела на тројцата патници. Медицинските лица можеле само да ја констатираат нивната смрт.
Надлежните органи извршија увид на местото на несреќата, а истрагата треба да ги утврди точните околности и причините што довеле до оваа трагедија.




