Бомба вест: Орце Ѓорѓиевски само што потврди – 100 автобуси пристигаат како засилување за ЈСП

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека успешно завршила тендерската постапка и јавното наддавање за набавка на 100 нови еколошки автобуси за главниот град.

Ѓорѓиевски соопшти дека за оваа одлука бил информиран по телефонски разговор со министерот за транспорт, Александар Николоски, кому му се заблагодари, како и на премиерот Христијан Мицкоски, за поддршката што, како што наведе, ја добива Скопје во процесот на модернизација на јавниот превоз.

Според градоначалникот, набавката на новите автобуси претставува значаен чекор кон целосна обнова на возниот парк на ЈСП „Скопје“ и почеток на нов период во јавниот градски транспорт – со помодерни, почисти и побезбедни возила за граѓаните.

За набавката е избрана компанијата „Икарус“, во соработка со ЕВН Македонија. По истекот на десетдневниот рок за жалби, следува потпишување на договорот и започнување на процесот за испорака на автобусите.

Ѓорѓиевски порача дека со посветеност, волја и поддршка можат да се реализираат големи проекти и дека обновата на јавниот превоз е еден од приоритетите за подобрување на квалитетот на животот на скопјани.

„Скопје го правиме заедно“, порача градоначалникот.

Претходна вестПо Гостивар и Валандово, сега и ТРЕТ ГРАД во Македонија со неисправна вода, тврдат од СДСМ