Вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи поднесе оставка од функцијата и ја достави до премиерот Христијан Мицкоски, информирајќи дека од должноста се повлекува по подолг период во кој не се појавуваше на работа.
Фетаи својата одлука ја објави и преку статус на социјалната мрежа Фејсбук, каде истакна дека заминува со „крената глава и чиста совест“, нагласувајќи дека станува збор за добро промислен и достоинствен чекор.
„Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека во моменталните околности е најправедниот и најдостоинствениот чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата, придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување“, напиша Фетаи.
Тој додаде дека иако не е целосно задоволен од постигнатото, верува дека во периодот додека ја извршувал функцијата поставил темели за понатамошни реформи.
Во писмото за оставка упатено до премиерот, Фетаи изразил благодарност за укажаната доверба, но навел дека во актуелните околности повеќе не постојат услови функцијата да ја извршува со потребната ефикасност, поради што се повлекува од должноста.
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека оставката е примена и дека ќе биде архивирана, додавајќи дека за време на месецов се очекува и најавената реконструкција на Владата.
„Господинот Фетаи поднесе оставка на крајот од денешниот работен ден. Се заблагодари за соработката и утре истата ќе биде објавена во јавноста“, изјави Мицкоски.
Фетаи подолг период не беше активен на функцијата, а неговите последни јавни настапи датираат од март. Претходно, од Владата беше посочено дека тој најавил повлекување и можно враќање во Брисел, каде што има претходно професионално искуство.




