За прв пат во Македонија изведена операција од таков тип, кај 4-годишно дете: Браво за лекарите и храброто дете

400

На Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) за првпат во Македонија е изведена комплексна хируршка интервенција кај четиригодишно дете со редок конгенитален Спренгелов деформитет, соопшти Министерството за здравство.

Операцијата е реализирана во соработка со проф. д-р Уфук Ајдинли од Република Турција и претставува значаен исчекор во јакнењето на капацитетите на македонскиот здравствен систем за третман на ретки и сложени ортопедски состојби кај деца.

Од Министерството наведуваат дека интервенцијата е резултат на мултидисциплинарна тимска работа во која биле вклучени ортопедски хирурзи, анестезиолози, тим за интензивна нега и ургентна поддршка, со примена на современи оперативни техники и пренос на меѓународна експертиза.

Директорот на ТОАРИЛУЦ, проф. д-р Игор Мерџаноски, истакна дека оваа интервенција е пример за високо ниво на координација и професионалност, при што приоритет биле безбедноста на пациентот и квалитетот на постапката.

Тој нагласи дека соработката со странски експерти овозможува значаен напредок во третманот на ретки конгенитални деформации и дека целта е ваквите интервенции во иднина да станат стандарден дел од клиничката пракса во земјата, преку континуирана едукација и развој на домашните медицински тимови.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека довербата во здравствениот систем се гради преку конкретни резултати, знаење и тимска работа, како и преку создавање услови најсложените медицински интервенции да се изведуваат во државата.

Тој додаде дека Министерството ќе продолжи со поддршка на модернизацијата на клиниките, развојот на човечките ресурси и воведувањето современи медицински методи, со цел граѓаните да добијат функционален, модерен и одржлив здравствен систем.

Спренгеловиот деформитет е ретка конгенитална состојба при која лопатката е поставена ненормално високо и е недоволно развиена поради нарушена надолна миграција за време на ембрионалниот развој. Состојбата најчесто предизвикува видлива испакнатина и ограничена подвижност на рамото, а може да биде поврзана и со други аномалии, како синдромот Клипел-Фејл, сколиоза или дополнителни коскени и влакнести врски со ’рбетот.

За прецизна дијагностика и планирање на третманот се користат снимања како компјутерска томографија и магнетна резонанца, а оперативниот зафат најчесто се препорачува кај потешки случаи кај деца на возраст од три до осум години, со цел подобрување на функцијата и естетскиот изглед.

Претходна вестДва смртни случаи за едно деноноќие во Скопје: Починати мажи во Центар и Кисела Вода
Следна вестПоследното пророштво од кое лазат морници: Баба Ванѓа пред смртта со важни зборови за луѓето