Вреди преку Меџити најави: Нема како да ја поддржиме Силјановска со изјави како вчерашната од Куманово

3126

„Очекуваме оградување од структурата и од ВМРО-ДПМНЕ на таквите изјави. Не кажав дека ќе одиме на бојкот или нешто слично, но не сум среќен заради таквите изјави. Со таквите изјави нема да добие поддршка од втората заедница во државата“, вели Меџити на прашањето дали коалицијата „Вреди“ ќе ја поддржи Силјановска-Давкова во вториот круг.

Со изјави како вчерашната од Куманово, коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците не би ја поддржала претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова во вториот изборен круг.

Ова во гостувањето на ТВ Сител вечерва го изјави лидерот на Демократско движење, Изет Меџити, чија партија е дел од коалицијата „Вреди“. Тој се осврна на вчерашната изјава на Силјановска-Давкова кога, алудирајќи на воениот конфликт во 2001 година, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат.

Меџити ги оцени за непожелни ваквите изјави и побара од нив да се огради структурата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ја слушнавме изјавата од Куманово која, за жал, нè враќа во минатото. Непожелна изјава во однос на УЧК. УЧК е светост за Албанците и мислам тоа може да доведе до унифицирање на Албанците и мислам дека не треба да се враќаме на тоа. Имаме многу работа како да војуваме против корупцијата, како да обезбедиме подобра иднина за младите, со добра стратегија да ја запреме алармантната миграција на младите, а не да се враќаме на такви теми кои ги оживуваат старите духови“, изјави Меџити во гостувањето на ТВ Сител.

Прашан дали опозиционерите од албанскиот блок ќе застанат зад Силјановска-Давкова во вториот круг од изборите за претседател, Меџити рече дека коалициските партнери во „Вреди“ сè уште не разговарале на оваа тема, но оти очекува тоа да го сторат деновиве. На прашањето дали нивните ставови се приближуваат до одлука за поддршка на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Меџити вели:

„Со такви изјави не. Очекуваме оградување од структурата и од ВМРО-ДПМНЕ на таквите изјави. Не кажав дека ќе одиме на бојкот или нешто слично, но не сум среќен заради таквите изјави. Со таквите изјави нема да добие поддршка од втората заедница во државата.“

Вчерашната изјава на Силјановска-Давкова од Куманово претходно денеска Меџити ја спомена и во објава на својот фејсбук-профил. Во овој контекст упати критика до ВМРО-ДПМНЕ и оцени оти партијата се вратила на старите практики за кои оцени дека веќе ги заборавила. Додаде и оти УЧК е светост за Албанците.

Во куса изјава за „360 степени“, Меџити рече дека неговата објава се однесува на дежа ву од минатото кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ меѓусебно си ги креваат рејтинзите во предизборието. На дополнително прашање дали фејсбук-статусот се однесува и на пораката што претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја испрати од синоќешниот митинг во Куманово, Меџити одговори потврдно.

Силјановска-Давкова синоќа од Куманово, меѓу другото, рече дека некои дела, т.н. дела против човештвото, никогаш не застаруваат. Алудираше на воениот конфликт од 2001 година.

претходниот член,УЖАС: Приведени две лица за напад на малолетна ќерка и сестра
Следната статијаПожар во концертна сала на Факултетот за музичка уметност „Илија Николовски-Луј“