Состојбата со пожарите на отворен простор во земјава денеска значително се влоши. Попладнево се регистрирани најмалку 21 пожар, од кои поголем дел сè уште се активни, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Како еден од пожарите со најтешки услови за гасење, Ангелов го издвои пожарот во општина Македонски Брод, во месноста Видуш, во близина на селото Драгов Дол. Таму гори карпест предел со грмушки, трње и сува трева, а теренот е исклучително тежок за движење.
За утре наутро е најавено упатување модул на ДЗС составен од доброволни пожарникари со специјална обука за гасење шумски пожари. Ангелов посочи дека огнот не зафатил квалитетна шума.
Тежок пожар има и над селото Моране во општина Студеничани, каде што интервенираат три „ер трактори“, скопски пожарникари и четири тимови на ДЗС со возила „пинцгауер“.
Активен е и пожарот над селото Страхојадица во општина Зелениково, како и пожарот над селото Манастирско Доленци во општина Кичево, кој се заканува на локалниот манастир. Од ДЗС најавија дополнителни сили за интервенција утре наутро.
Особено тешка е состојбата и во Полошкиот Регион. Според Ангелов, постојат информации дека дел од пожарите можеби биле намерно предизвикани. Активни пожари има во атарите на селата Копанце во општина Јегуновце, Џепчиште во Тетово, Пршовце во Теарце и Чифлик во општина Желино.
Пожари има и кај селото Тополчани во општина Прилеп, кај Маково во Новаци, кај Врсаково во Штип и кај Драгош во општина Битола.
Ангелов предупреди дека високите температури и ниската влажност на воздухот создаваат исклучително поволни услови за ширење на огнот. Тој апелираше до граѓаните да бидат крајно внимателни и да не преземаат активности со кои би можеле да предизвикаат нови пожари.
Директорот на ДЗС истакна и дека во текот на денот биле регистрирани случаи за кои постојат сомнежи дека пожарите биле предизвикани намерно.



