Се реши случајот со девојката од Куманово и нејзиниот татко кој е алкохоличар

Човекот за кого неговата ќерка преку видео-објава на Инстаграм побара итна помош од надлежните институции, ќе биде хоспитализиран во психијатриската установа во Демир Хисар, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори.

Според информациите на „Слободен печат“, лицето моментално се транспортира од кумановската болница кон психијатриската установа во Демир Хисар, каде треба да биде примен на лекување. Транспортот ќе се реализира со полициска придружба, медицинска сестра и возило на болницата.

Случајот привлече внимание откако ќерката јавно побара помош, тврдејќи дека нејзиниот татко подолг период има проблеми со алкохолизам, агресивно однесување и дека семејството живее во страв.

Според неофицијалните информации до кои дошол „Слободен печат“, семејството претходно повеќепати се обидувало да обезбеди хоспитализација, но добивало одговор дека нема слободни места во установите.

Ќерката во своето видео наведе дека состојбата во домот станала сериозна, а според нејзиното сведоштво, имало и закани кон членовите на семејството.

Хоспитализацијата, според изворите на „Слободен печат“, следува по објавувањето на случајот во јавноста, а неофицијално се посочува дека за надминување на проблемот имало и интервенција од висок владин функционер, иако неговата област не е поврзана со здравството.

Случајот повторно го отвора прашањето за функционирањето на системот за грижа за лица со хронични психички нарушувања и зависности, како и за капацитетите на психијатриските установи.

Според познавачите на состојбите, недостигот на места и различните практики во постапувањето создаваат дополнителен товар за семејствата, кои често се принудени јавно да побараат помош за да добијат институционален одговор.

Медиумската експонираност на ваквите случаи неретко доведува до побрзо решение, но останува прашањето како системот да обезбеди навремена реакција без семејствата претходно да мора да се обратат до јавноста.

Целата вест и повеќе на темата прочитајте на Слободен Печат – клик ТУКА.

Претходна вестПарите ќе се лепат за нив: Oвие хороскопски знаци добро ќе се “опарат” до крајот на 2026 година!
Следна вестНевремето над Скопје го промени планот на летот: Авион пренасочен