Руски дрон погоди зграда во Романија – која е членка на НАТО

878

Дрон рано утрово удри во станбена зграда во романскиот град Галаци, при што беа повредени две лица и предизвикан пожар на десеттиот кат од објектот. Инцидентот се случил околу 2 часот по полноќ, во момент кога Русија изведувала напад врз блиски украински цели, соопштија романските власти.

Според првичните информации, повредени се 51-годишна жена и 14-годишно дете, кои поминале со полесни повреди. Од зградата биле евакуирани околу 70 жители, додека пожарникарите интервенирале за гаснење на пожарот што избувнал по ударот.

Романското Министерство за одбрана соопшти дека инцидентот се случил за време на руски напади во близина на романската граница, а случајот предизвика сериозна реакција и од НАТО.

Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, изјави дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, е во постојан контакт со романските власти и дека НАТО ја осудува, како што беше наведено, „руската неодговорност“.

Остри реакции пристигнаа и од романското Министерство за надворешни работи, кое оцени дека станува збор за „сериозна и неодговорна ескалација“ од страна на Русија и нарушување на романскиот воздушен простор.

„Руската Федерација сноси директна одговорност за овие сериозни и неодговорни дејствија. Романија ќе преземе дипломатски мерки и ќе побара дополнително зајакнување на системите за заштита од беспилотни летала“, изјави романската министерка за надворешни работи, Тоиу Оана.

Романските власти информирале и земји-членки на Европската Унија, како и НАТО, барајќи забрзана поддршка за зајакнување на противвоздушната и антидронската одбрана.

Инцидентот дополнително ги зголеми стравувањата од прелевање на конфликтот надвор од украинските граници и отвори нови прашања за безбедноста во источниот дел на Европа.

Претходна вестМВР објави: Бидете крајно внимателни, за ова можете да добиете казна до 50.000 денари
Следна вестУЈП ја открива причината: Ова е проблемот ако немате исплата за Мој ДДВ