Три лица, меѓу кои и две деца, загинаа во тешката сообраќајна несреќа што вчера попладне се случи во Словенија.
Според првичните и сè уште неофицијални информации, станува збор за семејство македонски иселеници кои живееле во Италија. Несреќата се случила додека тие патувале назад кон Италија, по завршувањето на летниот одмор.
Во несреќата животот го загубиле повозрасното лице родено во 1952 година и двете деца родени во 2021 и 2014 година. Родителите се повредени и се пренесени на медицинска помош.
Неофицијално, во автомобилот се наоѓало петчлено семејство – родители со две деца и едно повозрасно женско лице, кои потекнувале од Центар Жупа.
Според првичните информации од словенечката полиција, несреќата се случила кога автомобилот, од засега непознати причини, удрил во задниот лев дел од приколката на камион кој поради дефект бил запрен во ниша покрај автопатот.
Трите лица починале на местото на несреќата. Еден од повредените бил пренесен во болница со хеликоптер, додека другиот повреден бил транспортиран со возило на Итната медицинска помош.
Словенечките надлежни служби продолжуваат со истрагата за да се утврдат сите околности под кои се случила трагичната несреќа.




