Секторот за вонредни состојби при Министерството за внатрешни работи упати итен апел до граѓаните за зголемена претпазливост и максимална одговорност при користење отворен пламен, особено во услови на високи температури и продолжен сушен период.
Од МВР предупредуваат дека поради топлото и суво време значително е зголемен ризикот од појава и брзо ширење на пожари на отворен простор, кои можат да предизвикаат сериозна материјална штета, но и да го загрозат животот и здравјето на граѓаните, како и природните ресурси.
Надлежните институции потсетуваат дека со закон е строго забрането палење на трева, ниска вегетација, стрништа и отпад, како и палење оган во шума или на растојание помало од 200 метри од шумскиот појас.
Секоја ваква активност се смета за сериозно прекршување на законските одредби и носи високи санкции.
За непочитување на овие правила се предвидени ригорозни парични казни.
За физички лица тие се движат од 10.000 до 50.000 денари, додека за палење стрништа, растителни остатоци и отпад е предвидена фиксна казна од 10.000 денари. За правни лица, односно компании, казните се значително повисоки и изнесуваат од 300.000 до 1.000.000 денари.
Од МВР најавуваат дека во наредниот период ќе биде засилен надзорот на терен, во координација со инспекциските служби на локално и републичко ниво.
Целта е навремено откривање и строго санкционирање на сите лица кои ги прекршуваат прописите и со тоа ја загрозуваат безбедноста.




