Православните верници денес го слават Преображение Господово – едно нешто не треба никако да правите

Македонската православна црква и православните верници денес го одбележуваат големиот христијански празник Преображение Господово, посветен на Христовото Преображение на Таворската гора.

Според народната традиција, на овој ден за првпат се јаде грозје, откако претходно ќе биде благословено од свештеник. Во многу краеви на Македонија, домаќинките подготвуваат и наутлија – обреден леб замесен со маја од наут, кој се смета за симбол на здравје, благосостојба и бериќет во домот.

Според Светото Евангелие, во третата година од Својата проповед на земјата, Господ Исус Христос ги зел со Себе апостолите Петар, Јаков и Јован и се искачил на Таворската гора. Таму, додека се молел, се преобразил пред нив – лицето Му заблескало како сонце, а облеката Му станала бела како снег.

Покрај Него се јавиле старозаветните пророци Мојсеј и Илија, а од небото се слушнал гласот: „Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.“

Црквата учи дека Преображението било откровение на Христовата божествена природа и подготовка на учениците за Неговите страдања, за тие да останат цврсти во верата и да ја разберат славата на Неговото Воскресение.

Празникот има посебно место во православната традиција бидејќи ја симболизира духовната преобразба на човекот и повикот кон живот исполнет со вера, љубов и добри дела.

Обичаи и верувања за Преображение

За овој празник постојат повеќе црковни и народни обичаи. Верниците се повикуваат да присуствуваат на света литургија, да се помолат и да го поминат денот во мир и духовна радост.

Во многу храмови се врши благословување на грозјето и другото овошје, кое потоа верниците го носат во своите домови.

Според народното верување, грозјето не треба да се јаде пред Преображение, туку првпат се вкусува токму на овој ден, по благословот од свештеник. Во некои краеви се благословуваат и други плодови како јаболка, сливи и круши.

Се верува и дека по Преображение Господово природата постепено почнува да се менува и дека летото полека отстапува место на есента. Народот велел дека „летото се преобразува“.

Од црковен аспект, нема посебни забрани поврзани со домашните работи. Верувањата дека на овој ден не треба да се работи, пере или извршуваат одредени активности се дел од народната традиција, а не од официјалното православно учење.

Најважната порака на празникот е човекот да се стреми кон сопствено духовно преобразување – преку молитва, покајание, добрина и љубов кон ближните.

Според православниот календар, Преображение Господово е постен ден, но е дозволено да се јаде риба.

Претходна вестДоцна вечерва: Моментално силно невреме во овие македонски градови
Следна вестГолема трагедија – Ненадејно почина братот на пејачот Елвир Мекиќ