Ова не е сцена од филм. Ова е Македонија вечерва.
Стара македонска куќа проголтана од пламен. Небо обоено во црвено. Село кое повторно ја поминува ноќта во страв.
Додека гори Чаниште, гори и на многу други места низ Македонија. До 18 часот денеска беа регистрирани 27 пожари на отворено, од кои 11 се активни, а пожарот во Мариово повторно се разгоре и огнената линија достигна околу 20 километри.
Оваа фотографија најдобро ја покажува трагедијата што ја живееме – оган, чад, уништени домови и луѓе кои со последни сили се борат да го спасат она што генерации го граделе.
Вечерва не гори само сува трева и шума.
Горат македонски села. Горат домови. Гори дел од нашето културно и историско наследство.
Да бидеме повнимателни. Една искра е доволна да уништи сè што природата и луѓето создавале со децении.




