Падна одлука: Артан Груби во домашен притвор

2044

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби доби мерка куќен притвор, откако неговата одбрана побара поблага мерка, а Обвинителството се согласило со предлогот.

Според неофицијални информации, одбраната образложила дека Груби сам се вратил во државата и дека ќе биде достапен за органите на прогонот, како и дека не постои опасност од влијание врз постапката бидејќи истрагата е завршена.

Судијата на претходна постапка, според извори од скопското обвинителство, добил позитивен став од обвинителот во однос на предлогот за куќен притвор. По спроведувањето во судот, Груби бил сослушан, но засега нема официјална потврда дали обвинителот формално доставил нов предлог за измена на мерката на самото рочиште. Од прес-службата на Обвинителството информираат дека немаат детали, со образложение дека обвинителот се наоѓа во судница.

Истрагата против него ја води Основно јавно обвинителство Скопје и се однесува на сомнежи дека како раководител на владина седница го одобрил барањето на Државната лотарија за јавна набавка на ВЛТ-терминали, иако институцијата немала законско право самостојно да организира игри на среќа. Тој е осомничен за кривично дело „проневера во службата“.

Постапката беше отворена откако Стејт департмент на САД го стави Груби на „црната листа“ поради сомнежи за вмешаност во коруптивни дејствија и влијание врз судски предмети поврзани со поранешниот директор на тајните служби Сашо Мијалков.

Груби беше дел од владината коалиција на СДСМ и ДУИ, каде ја извршуваше функцијата прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а во повеќе наврати ја водеше Владата во отсуство на премиерот.

Претходна вест(ВИДЕО) Ексклузивна снимка од убиецот во Старо Нагоричане
Следна вестНе можеше да премолчи – доцна вечерва се обрати Никола Груевски