Зголемените трошоци за работа, пред сè поради минималната плата и цената на горивата, предизвикаа поскапување на такси-превозот во Охрид и Куманово. Локалните власти ги прифатија барањата на превозниците, оценувајќи дека корекцијата на цените е неопходна за одржување на дејноста.
Советот на Општина Охрид донесе одлука новите цени да стапат на сила од 6 мај, при што стартната цена останува 50 денари, но секој изминат километар ќе се наплаќа по 50 денари. Во ноќниот период стартот ќе чини 100 денари, додека цената по километар останува иста. Со ова, значително се зголемува цената на возењето во однос на досегашната тарифа, кога километарот чинеше 35 денари преку ден и 45 денари ноќе.
Од општината информираат дека се преземени мерки за спречување злоупотреби, па таксиметрите се баждарени и технички заштитени од манипулации. Воедно, се разгледува иницијатива ценовниците задолжително да бидат јасно истакнати на возилата, со цел поголема транспарентност за патниците. Дел од такси-компаниите предупредуваат дека нерегуларното работење и пазарењето со цени им штети и на угледот на градот, особено во туристичка сезона.
Исто така, Советот на општина Куманово ја прифати корекцијата на цените по барање на такси превозниците. Според новата одлука, стартот ќе изнесува 100 денари, во што се вклучени два километри, а секој нареден километар ќе се наплаќа по 40 денари. Претходно, стартната цена беше 80 денари.
Од општината велат дека барањето на таксистите било поднесено подолг период и се темели напо растот на оперативните трошоци. Надлежните посочуваат дека усвоеното решение е компромис, бидејќи првичните барања на превозниците предвидувале значително поголемо зголемување.
Трендот на пораст на цените е присутен и во други градови. Во Велес, цената на такси-превозот беше зголемена уште на почетокот на годината, при што стартот изнесува 70 денари со вклучен еден километар, а секој нареден се наплаќа по 30 денари. Превозниците и таму посочија дека зголемените трошоци за гориво, одржување, резервни делови и работна сила се главната причина за корекцијата на цените.
Од локалните власти нагласуваат дека паралелно со поскапувањето ќе се засилат и контролите, особено во делот на нелегалните превозници и квалитетот на услугите, со цел граѓаните да добијат подобра и пофер услуга.




