Македонските државјани во Италија се соочуваат со сериозни проблеми околу користењето и замената на возачките дозволи. Туристи пријавуваат дека дел од компаниите за изнајмување автомобили одбиваат да им дадат возило само со македонска возачка дозвола, додека лицата со постојан престој во Италија во моментов не можат директно да ја заменат со италијанска дозвола.
Неколку македонски туристи кои престојуваат во Италија информираат дека од рентакар-компаниите биле побарани дополнителни документи, односно меѓународна возачка дозвола. Според нивните изјави, компаниите добиле нови насоки за клиенти со возачки дозволи издадени надвор од Европската Унија.
Како дополнителен проблем се посочува и тоа што македонската возачка дозвола не се наоѓала во каталогот на обрасци што компаниите го користат за проверка на валидноста на документите.
Поголем проблем имаат македонските иселеници кои живеат и работат во Италија. Тие во моментов немаат можност едноставно да ја заменат македонската дозвола со италијанска, туку за добивање локален документ треба повторно да ја поминат целата постапка и да полагаат.
Ова особено ги погодува лицата чии работни места зависат од возењето. Дел од македонските граѓани стравуваат дека поради административниот застој може да останат без работа доколку не успеат навреме да обезбедат италијанска возачка дозвола.
Според информациите објавени од Министерството за внатрешни работи, замената на возачките дозволи издадени со називот „Република Северна Македонија“ во Италија во моментов не се спроведува. Старите дозволи со називот „Република Македонија“ биле опфатени со претходниот договор, но рокот за нивна замена истекол на почетокот на 2025 година.
Причината за проблемот, според достапните информации, се разликите меѓу македонскиот и италијанскиот модел на возачки дозволи. Италијанската страна побарала дополнително усогласување поради разлики во категориите внесени во документите.
Двете држави сега треба повторно да ги усогласат обрасците, категориите и административните правила, по што треба да биде потпишан нов договор за признавање и замена на возачките дозволи.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека македонската страна ги завршила потребните процедури и дека се очекува одобрување од италијанските институции.
По финализирањето на процесот, новиот договор треба повторно да овозможи полесно признавање и замена на македонските возачки дозволи во Италија.




