Бремена мајка и тригодишен син загинаа откако воз удри во автомобил кај Оџаци

Дваесет и седумгодишната В. С. од Војводина, која вчера заедно со својот тригодишен син го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа на железнички премин кај Оџаци, утрото тргнала на редовен лекарски преглед поради бременоста.

Според сведоштва на блиски лица, младата мајка со сопругот го очекувала третото дете. Таа, како што се наведува, била во седмиот месец од бременоста и носела девојче, на кое целото семејство со нетрпение му се радувало.

Нејзина пријателка за српските медиуми раскажала дека В. С. непосредно пред несреќата разговарала со блиска личност и кажала дека брза на лекарски преглед. Во автомобилот со неа бил и нејзиниот тригодишен син, кој бил поставен во детско седиште и врзан со појас.

Според првичните информации, несреќата се случила на железничкиот премин на делницата Лалиќ–Оџаци, кога воз удрил во автомобилот управуван од младата мајка. Од силниот удар, возилото било влечено околу 200 метри и останало заглавено под возот.

Мајката и детето починале на местото на несреќата.

Трагедијата предизвикала голем шок во местото каде што живеело семејството. Пријателите ја опишуваат В. С. како посветена мајка која живеела за своите деца и семејството.

„Беше прекрасна личност, секогаш насмеана. Живееше за своите деца. Не постои човек што ја познаваше, а денес не плаче по неа и нејзиниот син“, изјавила нејзина пријателка.

Таа додава дека несреќата оставила траума и кај машиновозачот, кој пред себе го видел страшниот настан.

Единствена олеснителна околност во огромната трагедија е тоа што нивниот помлад син, кој има околу една и пол година, не бил во автомобилот во моментот на несреќата.

Телата на мајката и детето се испратени на обдукција, по што се очекуваат повеќе детали за околностите на несреќата.

Основното јавно обвинителство во Сомбор соопшти дека истрагата е во тек, а се прибираат сите докази за утврдување на причините поради кои дошло до трагичниот судир.

Претходна вестТешка сообраќајна несреќа ја потресе Македонија: 8 лица повредени – од кои 2 деца
Следна вестНема назад: Во Италија повеќе не важат македонските возачки дозволи