Во Македонија е регистриран трет смртен случај од западнонилска треска, откако за време на викендот починал 61-годишен пациент од едно од погодените подрачја, кој имал и сериозни придружни заболувања, соопштија здравствените власти.
Досега лабораториски се потврдени 35 случаи на заразени со вирусот, додека уште тројца пациенти се во постапка на дополнителна дијагностика.
На Клиниката за инфективни болести во моментов се лекуваат 16 пациенти, од кои шестмина се во критична состојба. Директорот на клиниката, Фадил Цана, посочи дека меѓу хоспитализираните има и помлади лица.
„Шестмина пациенти кои се во критична состојба се постари од 60 години, но најмладиот пациент со невроинвазивна форма има 25 години. Тој е во стабилна состојба и се лекува на Одделот за невроинфекции“, изјави Цана.
Тој објасни дека најтешката форма на болеста се развива кај околу еден процент од заразените и најчесто се манифестира со висока температура, силна главоболка, вкочанет врат, конфузност и невролошки нарушувања.
Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека сите инфективни одделенија, матични лекари и здравствени установи се известени за актуелната состојба и постапките што треба да ги следат.
Според него, при епидемиолошките анкети се утврдува не само местото на живеење, туку и најверојатното место каде што пациентите се заразиле, бидејќи инкубацијата на вирусот трае од три до 14 дена.
„Сите мерки ги насочуваме кон местата каде што е најверојатно настанала заразата. Граѓаните треба да се заштитуваат од убоди од комарци и да ја отстрануваат застојаната вода од дворовите и околината. Во погодените општини ќе бидат испратени и СМС-пораки со препораки“, рече Клековски.
Министерството најави дека акцентот ќе биде ставен на таргетирано прскање против комарци од земја, оценувајќи дека оваа мерка е поефикасна од авионското прскање.
Дополнително, ќе се врши геолокација на ризичните подрачја и стоечките води, а ќе бидат засилени и контролите на живината во погодените региони, особено во близина на каналите за наводнување.
Клековски потсети дека повеќе од 250 видови диви птици можат да бидат резервоар на вирусот, поради што ги повика граѓаните да пријавуваат пронајдени угинати птици до Агенцијата за храна и ветеринарство.




