Министер од Владата ќе оди во Турција – ќе се бара одговор зошто доцни екстрадицијата на Љупчо Палевски

249

Делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога на 8 февруари ќе престојува во Анкара каде ќе има средби со официјалните турски претставници, а едно од прашањата за коишто ќе се разговара е екстрадицијата на Љупчо Палевски, осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Техничкиот премиер Талат Џафери во интервју за МИА вели дека не сака да прејудицира дали овие разговори би можеле да ја забрзаат екстрадицијата на Палевски, но нагласува дека е неопходна лична и директна комуникација за да се види што треба дополнително да се направи.

-Па сега не сакам да прејудицирам која, што ќе биде содржината на разговорите таму. Но, во секој случај неопходна е комуникацијата директна и лична таму да се биде, за да се види кои би биле постапките, процедурите, што би требало дополнително, евентуално, да се направи. Затоа е таа лична комуникација и е воспоставена во рамки на меѓународната соработка со соодветните братски институции со коишто соработуваме и со коишто соодветно имаме билатерални спогодби за комуникации, рече Џафери во интервју за МИА.

Од Министерството за правда за МИА потврдија дека Лога ќе престојува во официјална посета на Турција на 8 февруари заедно со претставници на правосудството. Ќе се сретне со министерот за правда на Република Турција, а предвидени се и средби со претседателот на Собранието, со претседателите на Уставниот и Врховниот суд, како и со претставници на Академијата за судии и јавни обвинители.

Од Министерството за правда посочуваат дека не можат да споделат официјални информации кога би бил екстрадиран Палевски, а за тоа колку време тој може да остане во Турција е прашање за турските власти согласно нивните закони. Кога ќе биде донесен во земјава, Палевски ќе биде спроведен во казнено поправна установа согласно решение на суд и понатаму тече постапката пред правосудните органи.

претходниот член,Македонија вечерва нема да спие мирно: Глетката е ужасна, големиот пожар брзо се шири – теренот е лош, тешко може да се интервенира
Следната статијаГОЛЕМА ТРАГЕДИЈА: Албанец од Македонија загинал на фронтот во Сирија