Истрагата за случајот со 19-годишната девојка од Тетово, која на 14 март падна од балкон од куќата на нејзиниот дедо и со сериозни повреди беше пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, открива нови, загрижувачки детали.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, во текот на досегашната постапка било утврдено дека девојката подолг временски период била изложена на психичко и физичко насилство од нејзиниот татко.
Овие сознанија се дел од истрагата што се води за целосно расветлување на околностите под кои се случил инцидентот.
Како што информираат од МВР, на 16 март во 21:20 часот, во СВР Тетово сам се пријавил А.А. (47) од Тетово, по што со него бил извршен службен разговор во присуство на надлежните органи.
По насока на јавен обвинител, лицето е пуштено на слобода, но надлежните институции посочуваат дека по целосно документирање на случајот ќе следува поднесување на соодветна кривична пријава.
Истрагата продолжува, а од надлежните најавуваат дека ќе бидат преземени сите потребни мерки со цел утврдување на одговорност и целосно расчистување на случајот, кој ја вознемири јавноста.




