Делчево му оддава почит на македонскиот херој Иле Гоцевски од селото Звегор, човекот кој со несебична пожртвуваност им помагаше на настраданите во трагедијата во Кочани.
Како возач на Итната медицинска помош, 41-годишниот Илчо Гоцевски цела ноќ и следниот ден неуморно ги пренесувал повредените и загинатите од пожарот во дискотеката „Пулс“, ставајќи ги туѓите животи пред својот.
Неговото срце не издржало по огромниот физички и емоционален напор. Според лекарите, тој починал од срцев удар, најверојатно како последица на исцрпеноста и силниот стрес на кој бил изложен со часови.
Неговата трагична судбина уште повеќе ја потресе јавноста откако беше објавено дека со нетрпение го очекувал 18-от роденден на својот син единец Мартин. Двајцата планирале голема прослава, но трагедијата во Кочани ги прекинала тие планови, а Илчо не го дочекал полнолетството на своето дете.
Во знак на благодарност и сеќавање, денеска во неговиот роден крај беше соопштено дека во дворот на Здравствениот дом во Делчево ќе биде уреден парк во негова чест. Со овој гест, граѓаните ќе го зачуваат споменот на човекот кој до последен момент беше во служба на другите.




