Исчезнаа по пристигнувањето во Скопје, пронајдени починати кај Блаце

Тројца државјани на Косово, маж и две жени, кои во саботата вечер пристигнале на Меѓународниот аеродром Скопје, се пронајдени починати во превртено возило на патот кон граничниот премин Блаце, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според полицијата, нивен роднина вчера попладне пријавил дека го изгубил контактот со нив, откако последен пат се слушнале вечерта на 18 јули, кога тие се наоѓале на скопскиот аеродром.

Во полициското соопштение се наведува дека на 19 јули во 22:35 часот било пријавено превртено возило „мерцедес“ со германски регистарски таблички на патот од граничниот премин Блаце кон Скопје.

Полициски екипи веднаш излегле на местото на несреќата, каде што во возилото биле пронајдени три безживотни тела – едно машко и две женски лица. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт на местото на настанот.

Претходно, во 13:40 часот, во Полициската станица Бит Пазар бил пријавен нивниот исчезнување од страна на роднина, кој навел дека последниот контакт со нив го имал на 18 јули околу 22:15 часот.

По наредба на јавен обвинител, извршен е увид на местото на несреќата, а се преземаат мерки за утврдување на сите околности под кои дошло до трагичниот настан.

Претходна вест(Видео) Хаос по финалето: Камерите во живо не го прикажаа потегот на Паредес
Следна вестНеофицијално: Протече извештајот за водата во Гостивар