Сергеј Попов е избран за нов претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Центар, на предлог на партискиот лидер Христијан Мицкоски и со одлука на Извршниот комитет.
Во своето обраќање, Попов истакна дека функцијата за него претставува чест, но и голема одговорност, нагласувајќи дека ова е нова етапа и мисија во општината каде што е роден, живее и ја започнал својата политичка активност.
Тој порача дека во новата улога влегува со силна енергија, јасна визија и мотивација, ветувајќи интензивна работа, решителност и принципиелна борба за, како што наведе, „подобар Центар“.
Попов упати повик и до граѓаните и членовите кои досега не биле дел од партијата или се пасивизирале, посочувајќи дека вратите на Општинскиот комитет остануваат отворени за сите.
Во објавата изрази благодарност и до досегашниот претседател на ОК Центар, Димитар Богески, за неговиот ангажман и работа.
Со одлука на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Андоновски е назначен за нов претседател на Општинскиот комитет на партијата во Гостивар.
Андоновски во моментот е советник во Советот на Општина Гостивар, а ја извршува и функцијата генерален секретар на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Во партијата важи за млад и активен политички кадар, препознатлив по ангажираноста на терен, комуникацијата со граѓаните и активностите во рамки на партиските структури.




