Фатмир Битиќи поднесе оставка од позицијата потпретседател на СДСМ

680

Почитувани граѓани и граѓанки

Стојам пред вас со благодарност, но и со чувство кое ги надминува резултатите од парламентарните избори. Вашиот глас за листата на пратеници на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, на која бев ко-носител во втората изборна единица, не е само бројка – тоа е израз на доверба и верување во нас, за што го изразувам своето големо почитување.

Гласовите кои ги добивме претставуваат и огромна обврска. Обврска да продолжиме со нашата политичка мисија, обврска да го засилиме дијалогот и да ги слушаме потребите на нашите сограѓани. Но, дел од исполнувањето на оваа обврска бара и политичка одговорност, бара промена.

Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот.

Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех.

Упатувам апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.

Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.

Да се вратиме повторно меѓу граѓаните, да го слушнеме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби и да се вратиме на нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме.

И за крај: нека е ова новиот почеток кој ќе ги обедини сите искрени другари и другарки во идејата за социјалдемократија, во идејата за соживот, во идејата за Едно општество за сите каде владее правичноста, солидарноста и еднаквоста.

За силен и единствен СДСМ.

претходниот член,Христијан Мицкоски: Македонија победи, СДСМ и ДУИ одат во опозиција
Следната статијаСилјановска досега доби 506 955 гласови