Православните верници денеска го чествуваат споменот на Светиот маченик Евсигниј, христијански исповедник кој по шест децении воена служба ја запечати својата вера со маченичка смрт.
Евсигниј бил роден во Антиохија и служел како војник за време на владеењето на царевите Диоклецијан, Максимијан Хлор, Константин Велики и неговите синови. За време на својата служба бил сведок на страдањето на светиот маченик Василиск, чие мачеништво подоцна и го опишал.
По 60 години во војската, се повлекол во родната Антиохија, каде што живеел мирен и побожен живот исполнет со молитва, пост и добри дела.
Во времето на царот Јулијан Отстапник, Евсигниј бил повикан да пресуди во спор меѓу двајца сограѓани. Незадоволната страна го пријавила кај царот, обвинувајќи го дека е христијанин.
Кога бил изведен пред судот, Евсигниј не само што не се откажал од својата вера, туку јавно го укорил царот поради отстапувањето од христијанството и го потсетил на примерот на Константин Велики.
Разгневен од неговите зборови, Јулијан наредил Евсигниј да биде погубен со отсекување на главата. Светителот пострадал во 362 година, во длабока старост.
Во беседата посветена на овој ден се нагласува дека човекот може да се очисти од гревовите само преку искрено покајание, вера и Божјата милост. Се повикува секој да ги напушти лошите дела, да се сврти кон добрината и со смирение да му пристапи на Бога, бидејќи само Божјата светлина може целосно да ја очисти човечката душа.




