Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески вели дека доколку ситуацијата ескалира поради инаетот на Арсовска, Владата, бидејќи е прогласена вонредна состојба, има мерки, има инструменти да го да го реши овој проблем, со тоа што ќе им даде на сите на знаење дека кога станува збор за една витална дејност не може да се поигрува со граѓаните.
Градоначалникот Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност во јавниот градски превоз. По оној кикс што беше направен со ЈСП каде што Влада мораше да прогласи вонредна состојба и да го снабдува ЈСП со гориво од државните резерви, таа во моментов во континуитет ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми во јавниот градски превоз.
Ова денеска во изјава за новинарите го посочи претседателоот на Советот на Град скопје Трајко Славески, кој потсети дека кога пред две години протестираа приватните превозници градоначалничката им ги раскина договорите и започна постапка за избор на нови даватели на услуги, а сега иако со месеци приватните превозници не се држат до договорите што важат до мај наредната година, таа ги толерира и тоа го прави во вонредна состојба.
Славески објасни дека има барање за зголемување на цената за услугата што ја вршат приватните превозници и тоа е направено преку иницијатива на советникот Горан Арсов. Иницијативата за мислење од Арсовска е доставена по завршување на седницата, а таа претходно пред тоа да е побарано дала некое мислење за зголемување на цената. Славески вели дека од неа е побарано да одговори дали поддржува зголемување, да направи пресметка колку тоа би било, како тоа зголемување ќе се одрази на приходите на ЈСП и кој е предлогот, како ќе се надомести тоа намалување на приходите на ЈСП.
Тој посочи дека никој од советниците нема пресметки, нема увид во цела ситуација и дека во времето на градоначалникот Коце Трајановски со месеци се работело на подготовка на таа одлука, која важи и денеска.
Славески им порача на приватните превозници дека Арсовска ги манипулира.
Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска, таа е непредвидлива жена. Може да ви го направи истото што го направи пред две години, да ви ги прекине договорите и да останете на улица – рече Славески.
Тој додаде дека доколку ситуацијата ескалира поради инаетот на Арсовска, Владата, бидејќи е прогласена вонредна состојба, има мерки, има инструменти да го да го реши овој проблем, со тоа што ќе им даде на сите на знаење дека кога станува збор за една витална дејност не може да се поигрува со граѓаните и нивните судбини, нивната неможност да стигнат до своето работно место.
На прашањето од новинарите кои се тие мерки што може да ги примени Владата, со оглед на фактот дека приватните превозници се заканија дека од понеделник ќе ги блокираат улиците доколку дотогаш не се најде решение за нивниот проблем, Славески рече дека во кризна состојба не може да се дозволи блокирање на сообраќајот.
Доколку дојде до блокирање на улиците, се носат булдожери и се расчистува улицата, како може некој во кризна состојба да блокира улица. Владата која прогласила кризна состојба е должна да ги искористи сите инструменти за непречено одвивање на сообраќајот, но како ќе постапи, тоа треба да ја прашате Владата – рече Славески.