Универзитетот во Тетово со длабока тага ја соопшти веста за трагичната смрт на својот студент Емре Назиф од Крушево, кој го загубил животот во Германија, оставајќи во жалост семејство, пријатели, колеги и академската заедница.
По повод трагичниот настан, ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Куштрим Ахмети, упати телеграма со сочувство до семејството на починатиот студент, истакнувајќи дека неговата прерана смрт претставува голема загуба за Универзитетот.
Во телеграмата, Емре Назиф е опишан како примерен студент на Катедрата за англиски јазик, кој со својата посветеност, одговорност и човечки квалитети оставил силен впечаток кај професорите и колегите. Како што наведува ректорот, Емре бил препознатлив по својата мудрост, сериозен пристап кон студиите, културно однесување и вредности кои го издвојувале како личност.
„Емре ќе остане во сеќавањето на професорите, студентите и на сите оние кои ја имале привилегијата да го познаваат“, стои во телеграмата со сочувство.
Од Универзитетот во Тетово нагласуваат дека неговиот придонес и присуство ќе останат трајно запаметени во академската средина, а неговата прерана смрт претставува ненадоместлива загуба за факултетот и за сите што биле дел од неговото секојдневие.
Во име на Универзитетот, ректорот Ахмети упати најискрено сочувство до семејството Назиф, роднините, пријателите, колегите и целата академска заедница, посакувајќи им сила и храброст во овие тешки моменти.
„Нека Господ им даде сила да ја пребродат оваа голема болка, а споменот за Емре засекогаш да живее во срцата на сите што го познаваа. Вечен нека биде неговиот спомен“, се наведува на крајот од телеграмата со сочувство.





