Педесет и четиригодишен жител на прилепското село Канатларци загина во несреќа со трактор што се случила во атарот на селото Подмол.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, синоќа во 20:00 часот во СВР Битола било пријавено дека во атарот на село Подмол бил пронајден превртен трактор, кој претходно го управувал М.Т. (54) од село Канатларци.
Од здобиените повреди, возачот починал на местото на несреќата. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Прилеп.
По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено на обдукција, а увид на местото на настанот извршила увидна екипа на ОВР Прилеп.
Надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на причините и околностите под кои се случила несреќата.



