Хрватскиот град Дрниш е завиен во тага и неверување по бруталното убиство на 19-годишен средношколец, кој бил убиен додека доставувал пица. Трагедијата се случила во саботата вечерта, а за убиството е осомничен 50-годишниот Кристијан Алексиќ, по кого полицијата сè уште трага.
Младиот доставувач работел за да заработи дополнителни пари, а кобната вечер заедно со пријател презел нарачка и се упатил кон адресата од која никогаш не се вратил.
Според сведочења на соседи, доставувачите му се јавиле на Алексиќ кога пристигнале, но тој не ги пречекал пред куќата, туку им рекол да се качат на катот. Таму, на терасата од семејната куќа, ги дочекал вооружен и пукал во момчето, кое починало на лице место.
Сосетка, чиј прозорец гледал кон терасата каде се случило убиството, изјавила дека слушнала истрели додека гледала телевизија.
„Слушнав пукање, но мислев дека се петарди или огномет. Беше сабота вечер, помислив дека има некаква прослава. Подоцна дознав што се случило и останав во шок“, раскажала потресената жена за локалните медиуми.
Жителите на Дрниш велат дека осомничениот со години предизвикувал страв кај соседите и дека веруваат оти имал сериозни психички проблеми. Според нив, тој бил познат по чудно и непредвидливо однесување уште од младоста.
„Секогаш возеше велосипед и имаше необично однесување. Кога ќе го прашаа кој е, знаеше да одговори: ‘Јас сум Алекш Кристијан мудриот Кике’“, раскажуваат соседи.
Тие потсетуваат дека Алексиќ претходно бил осуден и отслужил затворска казна за убиство на девојка, по што неговата мајка целосно се повлекла од јавноста. Односите со неговиот брат, кој живее во Загреб, со години биле нарушени.
Жителите се револтирани што осомничениот не бил сместен во соодветна институција, особено откако во 2023 година бил пријавен за нелегално поседување оружје.
„Тогаш му пронашле и импровизиран пиштол, а се зборуваше дека имал и список со луѓе што сакал да ги убие. Сега е во бегство и никој не знае каде е“, велат загрижените соседи.
Според нивните сведоштва, Алексиќ бил во одлична физичка форма и многу добро го познавал теренот околу Дрниш.
„Секоја вечер трчаше километри, ги знае сите патишта, напуштени куќи, пештери и засолништа во околината“, раскажуваат мештаните, кои стравуваат дека потрагата може да потрае.
Трагедијата длабоко ја потресе локалната заедница. Инструкторка по возење, која го познавала убиениот младич, низ солзи изјавила дека станува збор за прекрасно и воспитано момче.
„Ова е незапаметена трагедија. Изгубивме прекрасно дете. Во црно е завиено едно семејство, но и целиот град“, рекла таа.
Полицијата и натаму интензивно трага по осомничениот, а истрагата треба да ги утврди сите околности околу бруталното убиство што ја потресе цела Хрватска.




