Најголем број од пензионерите во земјава од наредниот месец ќе добиваат помали пензии, истакна премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница.
Мицкоски рече дека наводно Уставниот суд ќе ја укине и одредбата за платите на судиите и на обвинителите, со што нивните примања енормно ќе се зголемат.
Од Уставниот суд преку соопштение го демантираа премиерот.
– Не е донесена конечна одлука за предметот У.бр.13/2025, во врска со член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување). Судот укажува дека на 24. седница одржана на 19.11.2025 година со мнозинство гласови, изрази сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот. Во тек е втората фаза од постапката во која се бараат мислења од доносителот и од предлагачите на Законот, по што ќе следува конечна одлука – велат од Судот.
Во однос на прашањата, дали Уставниот суд поведе постапка за сите линеарни покачувања кои досега беа исплатени на пензионерите, од Судот информира дека нема да ги преиспитува одредбите кои го опфаќаат зголемувањето на пензиите по 2.500 денари (исплатени во септември 2024 и март 2025 година) бидејќи на седницата која се одржа на 19 ноември Судот ја отфрли иницијативата за преиспитување на членовите 3 и 18 кои го регулираа тоа прашање, поради фактот што истите беа од темпорален карактер и не се повеќе дел од правниот промет.



