Тетовската полиција попладнево пронајде мртво машко лице во паркирано возило „Ауди Q5“ со тетовски регистарски таблички, во атарот на селото Нераште, соопшти МВР.
Според информациите, неговата сопруга Б.Б. (33) од Тетово околу 02:00 часот пријавила дека нејзиниот сопруг А.Б. (42) се оддалечил од домот во 18:00 часот со патничко возило „Ауди“ и не одговарал на телефонските повици.
Полицијата веднаш постапила по пријавата, а денеска околу 16:15 часот полициски службеници од ПО Теарце го забележале возилото во нива кај Нераште.
Во внатрешноста било пронајдено машко лице кое не давало знаци на живот, со видлив отвор од проектил на возачкото стакло и прострелна рана во пределот на главата.
Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт, а првичните сомнежи се дека лицето било застрелано со огнено оружје.
На местото на настанот извршен е увид од јавен обвинител и увидна екипа од СВР Тетово, кои потврдиле дека станува збор за А.Б. од Тетово. Истражните мерки продолжуваат.



