Во канцеларијата „Европска куќа“ на Делегацијата на Европската Унија денеска во Тетово, беа доделени осум договори за грант со кои земјоделци и сточари од целата државата ќе можат да набават опрема и технологија со кои ќе може да го развиваат нивното земјоделство или сточарство. За модернизацијата Европската унија обезбеди 208.029 евра, што претставува 75 проценти од вкупната инвестиција, додека останатите средства се финансирани од грантистите.
Финансиската поддршка е обезбедена од инвестирање Европската Унија преку проектот Агро Смарт развој на модерно одржливо земјоделство“, а го спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија – МРФП.
– Избраните земјоделски задруги, сточарски фарми и претпријатија, со финансиската поддршка ќе обезбедат земјоделски дронови за скенирање и наводнување на насадите напреден софтвер за анализа и обработка на податоците со што земјоделците можат да ги намалат трошоците за наводнување, ѓубрење и заштита од инсекти и болести. Во Полошкиот регион, ќе се набави опремата која вклучува роботи специјализирани за чистење во сточарските фарми и автоматизирано хранење на телиња. Во Југоисточниот и Североисточниот регион ќе инвестира во автоматски системи за наводнување и ѓубрење како и во набавка на паметни уреди за мерење на индикаторите на почвата и временските услови адаптирани за специфичната култура која се произведуват, истакна Лазар Неданоски, директор на Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП)
Горан Матовски, еден од грантистите, на церемонијата појасни дека со ова вложување ќе може да го развива неговото сточарско стопанство кое сега брои 250 грла говеда од кое има над 2000 литри млеко.
– Пред неколку месеци учествувавме на информативните настани. Таму се информиравме за самиот повик и можноста да аплицираме за грант, за нешто што е модерно и различно во склад со последните трендови во делот на сточарство. Со инвестиција и поддршка на ЕУ ќе набавиме модерна опрема каде што робот за хранење на телињата или познато како вештачка мајка, каде ќе имаме подобра следливост и подобар развој на самите телиња и самата фарма. Робот за чистење на патеките за движење на кравите. Опремата ќе помогне за зголемување на квалитетот и на количината на млеко и здравствената состојба на самите животни, истакна Матовски.
На настанот се обрати и Штефен Худолин, шефот за соработка на Делегацијата на Европската Унија која ја истакна посветеноста на Европската Унија за развој на земјоделието преку поддршка на вакви развојни проекти.
Осумте грантисти се избрани во првиот повик, а во моментот и тековна можност и други земјоделци и сточари да се пријават за добивање на грант.