Владата донесе конечна одлука: ЕВН Македонија ќе биде универзален снабдувач – еве што значи тоа

210

Владата, согласно Законот за енергетика, ја донесе и Одлуката за избор на универзален снабдувач. За најповолна понуда за избор на универзален снабдувач, во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата.

За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто има понудено најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.

Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 246/23), донесен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата од Секретаријатот за европски прашања за статусот на подготовка на Реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда. Задолжени се првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања и министерот за финансии, да ја достават усогласената верзија на Нацрт Реформската агенда до Европската комисија.

Ажурираната Нацрт Реформска агенда се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со Европската Унија. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Северна Македонија и Европската Унија ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од Европската комисија, како што е образложено од СЕП, ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7% од алокацијата за нашата држава.

Предвидена е исплата на средства од Планот за раст за Западен Балкан, два пати во годината. А, за Република Северна Македонија, приоритетите коишто беа договорени во Реформската агенда се однесуваат на приоритетните области: Управување / Реформа на јавна администрација и Управување со јавните финансии; Дигитална, Енергетска / Зелена транзиција; Човечки капитал; Деловно опкружување и Владеење на правото.

Претходна вест(ВИДЕО) Балканот во ШОК: Големо невреме во овие ТРИ држави – познато е кога ќе дојде во Македонија
Следна вестВладата го задолжи МВР да достави комплетна информација за случајот со новинарот Фуркан Салиу