Штипјанецот Стојанче Зарков – Грофот (54), кој во август минатата година, во алкохолизирана состојба, ја убил својата 84-годишна мајка, е осуден на казна доживотен затвор. Убиството било извршено со нож, а по настанот самиот повикал помош. На судењето изјавил дека не се сеќава дали ја убил мајка си.
Кога се случи злосторството, пријатели и познаници на Зарков за медиумите ја раскажаа неговата животна приказна. Според нив, тој бил познат градски лик во Штип и сопственик на кафеаната „Гроф“, која со години работела успешно. Неговите пастрмајлии биле препознатливи низ цела Македонија, а нарачки пристигнувале од различни градови, особено за семејни прослави и собири.
Прекарот „Гроф“ го добил по локалот, но и поради неговото однесување. Велат дека бил дарежлив домаќин – кога ќе седнел во кафеаната, честел гости и пријатели, а знаел да плати пијалок и за цели прослави.
Но, со текот на времето почнал сè повеќе да консумира алкохол, по што неговиот живот тргнал во надолна линија. Се соочил со долгови, ја изгубил кафеаната, а подоцна и куќата. Иако со сограѓаните бил љубезен, тие знаеле дека во семејството има проблеми и дека станувал насилен кога бил пијан.
Дополнителна трагедија се случила со неговата сопруга, која поради силни стресови завршила на психијатриско лекување, каде подоцна и починала.
Познаниците се прашувале зошто навреме не биле преземени мерки и зошто не бил сместен на соодветно лекување, бидејќи, како што велат, во градот било познато дека го малтретира семејството кога ќе се напие. Тој бил пријавуван и во полиција поради насилно однесување во домот.
Луѓето кои го познавале сведочат дека некогаш се дружел со успешни бизнисмени и живеел лагоден живот, но финансискиот пад силно влијаел врз неговата психичка состојба. Од човек со углед и стабилен живот, велат, станал алкохоличар без пари, додека неговото семејство постепено се распаѓало. Според нив, иако многумина ја гледале неговата состојба, ниту пријателите ниту институциите не успеале навреме да му помогнат.




