Убиството кое ја шокира Македонија: Осум години нема ни трага ни глас од Бојан Угреновиќ – Убиецот на 27 годишниот Димитар Матилоски

328

Осум години нема ни трага ни глас од убиецот на 27 годишниот Димитар Матилоски чиј живот згасна на новогодишната ноќ во 2016-та година кога до смрт беше претепан од српскиот државјанин Бојан Угреновиќ пред влезот на угостителски објект, на само 20-тина метри од градскиот плоштад, во непосредна близина на неговиот дом, пренесува Алфа телевизија.

Откако охридскиот Основен суд своевремено му го укина притворот, донесе решение убиецот да се брани од слобода, одредувајќи мерки на претпазливост лицето да не ја напушта Македонија. Иако му беше одземена патната исправа пасош, тој избега и осум години е недостапен за органите на прогонот.

Свирепиот убиец Бојан Угреновиќ кој убиството го извршил под дејство на опојна дрога амфетамин, се појави само на првото рочиште и го снема. За издржување на казна затвор од 16 години по него е распишана и меѓународна потерница. Мајката на Димитар е очајна. Скршена од болка по своето чедо, бара убиецот да ја добие заслужената казна:

“Го замолувам судскиот совет на мојата татковина Македонија, да ја преиспита работата за убиството на мојот син Димитар Матилоски. Убиецот е на слобода, а мојот син Димитар осма година на гробишта, дали постои член во судството кој ќе ми го врати мојот син дома? Почивај во мир Димитар, убаво дете на мама,мама ќе се бори правдата да победи” – вели мајката на Димитар, Драгица Матилоска.

Единствена утеха на мајката која ја доживеа најголемата душевна болка е пишувањето, тој вечен непребол по синот кој никогаш повеќе нема да го види, Драгица го преточи во 5-тата книга

„Мојот живот после изгубен живот.”

После свирепото убиство на мојот син, живеам пеколен живот вели таа, не знам што е пострашно утрото, денот или ноќта. Средствата од продажбата на книгата ќе бидат наменети во хуманитарни цели, но Драгица тука не застанува. Вели, додека очите ми гледаат а прстите пишуваат ќе творам, посветувајќи книги на мојот син чиј живот свирепо згасна на само 27 години.

Семејството на Димитар има оштетно побарување од 10 милони денари кое никогаш не го доби. Ништо не може да ја ублажи болката, нити да го врати Димитар, но само со вака високи суми, младите ќе се вразумат дека со тупаници и одземање на недолжни животи не се постигнува ништо, вели Матилоска.

Со тие пари сакав да направам спомен чешма на која ќе пишува „Стоп на насилството“, а останатите пари да ги дадам за лекување на болни дечиња. Мајката на Димитар моли да биде пронајден убиецот на нејзиниот син и да биде спроведен во прилепскиот затвор за издржување на затворска казна од 16 години.

Датумот за апсолутна застареност на извршување на затворската казна истекува на 30.10.2059 година.

Извор: АЛФА.мк

претходниот член,Шокантни вести – можно е да НЕМА избори во Македонија: ОВА е причината
Следната статијаВучиќ со важна порака до целиот македонски народ: Една работа е најважна