Белата куќа сè уште не ги објавила резултатите од последниот медицински преглед на американскиот претседател Доналд Трамп, иако претходно беше најавено дека извештајот ќе биде достапен во рок од неколку дена. Ваквиот потег предизвика реакции и отвори прашања за транспарентноста околу здравствената состојба на најстариот претседател кој стапил на функцијата во САД.
Трамп по прегледот во Националниот воено-медицински центар „Волтер Рид“ изјави дека се наоѓа во одлична здравствена состојба, но досега не се објавени официјални медицински наоди кои би ги потврдиле неговите тврдења.
Во претходните случаи, лекарските извештаи биле објавувани во рок од еден до два дена по извршените прегледи. Овојпат, по неколкудневниот молк од Белата куќа, дел од медицинските експерти предупредуваат дека недостигот на информации може дополнително да ја зголеми јавната недоверба.
Професорот по медицина Џонатан Рајнер оцени дека е невообичаено да не биде објавено ниту основно соопштение за здравјето на претседателот.
Во последните години вниманието кон здравствената состојба на американските лидери значително се зголеми, особено по јавните дебати околу возраста и когнитивните способности на поранешниот претседател Џо Бајден.
Трамп во повеќе наврати нагласува дека е во одлична физичка и ментална форма, а здравјето често го користи како дел од својот јавен и политички имиџ. Сепак, неговите критичари бараат поголема транспарентност и објавување на целосниот медицински извештај.




