Доналд Трамп и потпретседателот на САД, Џеј-Ди Венс, разменија жестоки зборови со Володимир Зеленски на средбата во Белата куќа, каде што денеска ќе се потпише договор за ретки минерали.
Според известувачите од состанокот, Венс му рекол на Зеленски дека е неблагодарен, а Трамп го обвинил дека се игра со трета светска војна. Венс го искритикувал Зеленски откако тој побарал безбедносни гаранции за Украина од САД.
-Мислам дека не покажувате доволно почит зашто се расправате со Трамп во Белата куќа пред американските медиуми. Дали еднаш денеска кажавте ‘ви благодарам‘? Вие не ја почитувате оваа земја, му рекол Венс на Зеленски.
Трамп кажал дека намерно го продолжил состанокот за да види американскиот народ што се случува.
-Мора да бидете благодарни. Украина е во голема неволја и не победува, но има добра шанса да биде во ред поради нас. Да не беше американската воена помош, оваа војна ќе завршеше за две недели, рекол Трамп.
Зеленски го изнервирал Трамп откако му кажал дека и САД на крајот ќе ги почувствуваат последиците од војната.
-Не ни кажувајте на нас како ќе се чувствуваме. Не сте во позиција да го диктирате тоа. Ние ќе бидеме многу добро и многу силни, одговорил Трамп.
На крајот на состанокот, Трамп му порачал на Зеленски да го потпише договорот или САД целосно ќе се повлечат.
-Твоите луѓе се многу храбри. Но, или ќе склучите договор или ние си одиме. Мислам дека нема да биде убаво, но и без нас ќе се изборите, завршил Трамп, кој подоцна на својата социјална мрежа напиша дека Зеленски не сака мир.
Зеленски претходно му покажал на Трамп фотографии од руски воени злосторства и кажал дека не треба да има компромиси со Владимир Путин во преговорите за мировен договор. Тој притоа го прашал Трамп дали САД ќе продолжат да праќаат оружје во Украина ако не се постигне мир.
-Не сакаме да испраќаме многу оружје, се трудиме војната да заврши. Но, одговорот е ‘да‘. Сепак, се надевам дека нема да мора да испраќаме многу оружје, зашто сакаме ова брзо да заврши. Да не бев јас, никогаш не би имале договор, рекол Трамп.