Трагедија која ја потресе Македонија: Бебе родено 2024 година почина во болница – било донесено во тешка состојба

1109

Бебе родено во 2024 година починало синоќа во Општата болница во Кичево, и покрај обидите на дежурниот медицински тим да го спаси. Детето било донесено на детското одделение во тешка здравствена состојба, а случајот во полиција бил пријавен околу 22:10 часот, информира СВР Кичево.

Според досега објавените информации, веднаш по приемот лекарите започнале со укажување итна медицинска помош и со реанимациски постапки, но и покрај преземените мерки не успеале да го стабилизираат детето. По завршување на интервенциите, констатирана е смрт на бебето.

Медицинскиот персонал утврдил дека на телото нема видливи траги на насилство. Како и во сите случаи на ненадејна смрт кај малолетни лица, по наредба на јавен обвинител телото на бебето е предадено на обдукција. Резултатите од обдукцискиот наод треба да дадат одговор на прашањето кои се точните причини за смртта и дали станува збор за акутно заболување или за друга состојба што довела до ваков исход.

Надлежните засега не соопштуваат дополнителни детали ниту за претходната здравствена состојба на детето, ниту за тоа дали претходно било лекувано. Случајот е отворен и под надзор на обвинителството, а по завршувањето на обдукцијата и собирањето на потребните информации се очекува институциите да излезат со поцелосна слика за настанот.

Претходна вестКузмановска: Нов удар врз младите, ДПМНЕ ги намалува парите за студентски стандард за 7,3 милиони евра во Буџетот
Следна вестБеше пријавен за исчезнат, Македонија беше во шок: Пронајден мртов во „Ауди Q5“