Титан Усје соопшти дека компанијата работи транспарентно, во согласност со законските прописи и континуирано инвестира во модернизација, заштита на животната средина и развој на заедницата.
Од компанијата потсетуваат дека биле првата компанија во Скопје и една од првите во државата што добила А-интегрирана еколошка дозвола, со што, како што наведуваат, ја потврдиле својата определба за примена на високи индустриски и еколошки стандарди.
Во март годинава до Министерството за животна средина и просторно планирање била доставена апликација за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, изработена согласно важечките законски и подзаконски акти. Од Титан Усје истакнуваат дека сите процедури биле спроведени навремено и транспарентно, а документацијата е јавно достапна за увид.
Компанијата нагласува дека строго ги почитува сите законски обврски и останува посветена на усогласување со идните регулативи, следејќи ги промените во домашното и меѓународното законодавство.
Според соопштението, во изминатите 15 години Титан Усје инвестирала 29 милиони евра во модернизација и заштита на животната средина, вклучувајќи современи системи за филтрација и независен систем за континуирано следење на емисиите.
Од компанијата велат дека редовните и контролните мерења покажуваат дека сите параметри се во рамките на законски пропишаните вредности, при што дел од нив се повеќекратно пониски од максимално дозволените лимити.
Титан Усје додава дека преку континуирани инвестиции во технологија и управување со процесите применува најдобри достапни техники и меѓународно признати стандарди, со цел понатамошно намалување на влијанието врз животната средина и унапредување на корпоративната одговорност.




