Пожарникарите од ТППЕ Струмица утринава спроведоа сложена спасувачка акција, откако девојка паднала во провалија под локалитетот Цареви Кули, на местото познато како Црвен Дол.
Интервенцијата се одвивала во раните утрински часови на исклучително тежок и непристапен терен, каде шест пожарникари-спасители со две теренски противпожарни возила биле ангажирани за извлекување на повреденото лице.
Поради сложеноста на теренот, спасувачите користеле алпинистичка опрема и специјални носила за безбедно извлекување.
По успешно завршената акција, девојката била извлечена од провалијата и веднаш предадена на екипа на Итната медицинска помош.
На местото на настанот биле присутни и полициски службеници од СВР Струмица, кои асистирале во интервенцијата.
Состојбата на повреденото лице засега не е официјално соопштена.




