Стефани пронајдена мртва во Словенија

2404

Потрагата по австриската инфлуенсерка Стефани П. од Грац заврши трагично. Нејзиниот поранешен партнер, 31-годишен маж, признал дека ја убил и ја одвел полицијата до местото каде што го закопал телото – во шумско подрачје во Словенија, пренесуваат австриските медиуми.

Осомничениот претходно беше приведен во Словенија, а вчера беше предаден на австриските власти. За време на повеќе часа испрашување од криминалистичката полиција во Штаерска, тој ја прекинал тишината и детално опишал што се случило. Потоа ги одвел истражителите до телото на 32-годишната Стефани.

Според признанието, ја задавил, ја ставил во куфер и ја закопал длабоко во шума на словенечка територија. Мотивот и околностите што довеле до убиството сè уште не се познати.

Стефани беше пријавена за исчезната минатата недела, кога семејството и пријателите не можеле да воспостават контакт со неа. Таа не се појавила ниту на договорено фотографирање во Грац. Последната вечер ја поминала на божиќна прослава.

Истрагата брзо насочила сомнежи кон нејзиниот поранешен партнер. Словенечката полиција го привела откако бил забележан во близина на неговото запалено возило кај казино на југ од граничниот премин Шпилје.

Покрај него, биле уапсени и неговиот брат и неговиот очув. Двајцата се задржани во притвор во казнено-поправниот дом Грац–Јакомини поради сомнеж дека можеле да помогнат во прикривање на докази.

Претходна вестПолицијата на нозе во Скопје: Малолетник од Карпош исчезна – отишол на училиште и не се вратил дома
Следна вестГолема трагедија ја потресе Македонија: Безживотно тело пронајдено во водите на Вардар