Денеска времето во Македонија ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а во повеќе делови од земјата се очекува нестабилност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), локално временските процеси ќе прераснат во невреме со силни налети на ветер и услови за појава на град.
Ќе дува слаб до умерен ветер од североисточен правец, кој повремено ќе се засилува. Минималните температури ќе се движат од 10 до 21 степен, додека максималните ќе достигнат од 30 до 37 степени Целзиусови, што е неколку степени пониско во однос на претходните денови.
Во Скопје се очекува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, кој повремено ќе биде засилен. Температурата ќе се движи од минимални 21 до максимални 36 степени.
УХМР најавува дека и утре ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, силен ветер и можност за појава на град. За време на викендот, пак, времето ќе биде претежно стабилно, а дневните температури повторно ќе бидат во пораст.




