Основно јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело „телесна повреда“ при семејно насилство, информираа од Обвинителството.
Според наводите, инцидентот се случил во дом на улицата „Рајко Жинзифов“, каде што осомничениот физички ја нападнал својата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
За време на расправија, тој ја удирал со тупаници и шлаканици, при што ѝ нанел повеќе повреди, меѓу кои гребаници, отоци и хематоми на главата и по телото.
Од Обвинителството наведуваат дека жртвата викала за помош за да ја слушнат соседите, но тоа дополнително ја зголемило агресијата на осомничениот. Во еден момент тој ја фатил за вратот, по што таа успеала да го убеди да заминат на лекарски преглед.
Додека се движеле со автомобил по булеварот „Св. Климент Охридски“, на семафор жртвата успеала да излезе од возилото и да побара помош во блиско кафуле, од каде што случајот бил пријавен во полиција.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, вклучително редовно јавување кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.



