Почина познатиот македонски пејач – естрадата, роднините и пријателите се простуваат од него.
Почина познатиот музичар Мустафа Сејфулов на 48-годишна возраст, информира Тиквеш инфо.
Сејфулов е роден на 26 јануари 1978 година во Кавадарци и потекнува од музичко семејство. Неговиот дедо Муто Сејфулов бил познат свирач и кларинетист, таткото Рамадан Сејфулов исто така се занимавал со музика, а традицијата ја продолжил и неговиот брат Веби Сејфулов.
Тој беше дел од групата „Кавадарка“, која повторно беше формирана во 2000-тите години, а настапувал и со старата постава на бендот во 90-тите како тапанар. Во текот на кариерата соработувал со повеќе познати македонски пејачи и групи, оставајќи свој белег на домашната музичка сцена.
Неговата последна снимена песна е „Големи маки тегневме“, која ја изведе заедно со Фазли Сејфулов и Александар Ѓорчевиќ.
Веста за неговата смрт ја соопштија неговите роднини и пријатели, кои со емотивни пораки се простија од него на социјалните мрежи. Мустафа Сејфулов ќе остане запаметен како музичар кој значајно придонесе во зачувувањето и промоцијата на македонската музичка традиција.




