Почина д-р Никола Стојановски, учесник во Народноослободителната борба, еден од организаторите на историскиот штрајк на велешките гимназијалци во 1942 година и првиот претседавач со конститутивната седница на првиот повеќепартиски состав на Собранието на Република Македонија.
Стојановски е роден во 1923 година во селото Скачинци, Велешко. Во март 1942 година бил меѓу учениците кои го организирале штрајкот во велешката гимназија против воведувањето на бугарскиот јазик во наставата за време на бугарската окупација.
Поради протестот, учениците биле исклучени од наставата, но по силната поддршка од граѓаните на Велес, одлуката била повлечена и тие добиле само укор. До крајот на животот Стојановски сведочеше за овој настан, посочувајќи дека борбата за македонскиот јазик и идентитет не смее да биде заборавена.
По Втората светска војна го продолжил образованието на Медицинскиот факултет во Белград, каде дипломирал во 1952 година, а специјализацијата по педијатрија ја завршил во Загреб во 1958 година.
Речиси целиот работен век го поминал во Велес како педијатар и хематолог, каде лекувал бројни генерации деца. Во одреден период бил и директор на Општата болница во Велес.
Во политичкиот живот остана запаметен како најстар избран пратеник во првиот повеќепартиски состав на македонското Собрание. На 8 јануари 1991 година ја отвори и претседаваше со конститутивната седница, со што даде свој придонес во создавањето на современиот парламентарен живот во независна Македонија.
Д-р Никола Стојановски беше долгогодишен претседател, а потоа и почесен претседател на Сојузот на борците на Македонија. Остана активен во јавноста и по навршувањето на стотиот роденден.





