Одложeнo судењето за Штекли, доби епилептичен напад во судница

43

Се одложи судењето за Раде Трајковски Штекли и за останатите лица кои се обвинети за организирана набавка и продажба на дрога. Обвинетиот Трајовски, пред започнување на расправата имаше епилептичен напад, а по интервенцијата од Брзата помош докторите пред судот кажаа дека по прегледот, тој бил контактибилен и кажал дека не знае каде се наоѓа, што по ваков напад тие кажаа дека вообичаено е лицето да е конфузно. Не сакал да прими терапија, бидејќи пиел друга терапија во затворот.

Судот донесе одлука обвинетиот Раде Трајковски да сеоднесе во друга просторија, бидејќи одбил да прими терапија, а судењето да продолжи со вкрстени прашања од одбраната.

Адвокатот на Штели, Сашко Дуковски побара одложување и посочи дека на одбраната во ниту еден момент не ѝ е во корист да се одолговлекува судењето.

Сашко Дуковски-адвокат на Раде Трајковски Штекли: „На Раде Трајковски дијагностицирана му е епилепсија од 2017 година. Од почнувањето на оваа расправа досега Раде Трајковски ниту го навреди, ниту го наруши редот во оваа судница. Обвинетиот вчера бил прегледан и дадена му е терапија од психијатар, со оглед на суицидални идеи. Лекарот од општа пракса од Брза помош немаше доблест да каже дали денеска примил терапија, зошто ако не примил еден од можните исходи е ова. Не може да биде нарушување на ред, одбивање на дијазепам од десет милиграми. Јас не можам по ова денеска да вршам испрашување и вкрстени прашања.“

Судијата Илија Трпков нагласи дека целта на судот е судењето да биде економично и ефикасно и да се почитуваат сите права на обвинетите и да се грижи за здравствената состојба на обвинетите.

Судија Илија Трпков: „Во овој предмет не е само Раде Трајковски. Тука има и други обвинети. Со цел денеска да бидеме практични, главната расправа се одложува за деветти октомври. Но, ве уверувам дека сите обиди за одолговлекување ќе бидат санкционирани.“

Според вештачењето што го достави неговата одбраната, Штекли страда од растројство со шизофрени карактеристики, има халуцинации и параноидни идеи и не е способен да ја следи судската постапка. Обвинителството пак, изготвило психијатриско вештачење во кое се тврди дека тој нема проблеми и е способен да го следи судењето, а денеска требаше да продолжи испрашувањето на вештакот од Обвинителството.

Според обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал, опфаќа вкупно 10 лица. Првично биле опфатени 16 лица, од кои седум веќе склучиле спогодби и добиле затворски казни од три до три ипол години. Според Обвинителството, групата била добро организирана, со јасно дефинирани улоги – од набавка до продажба на кокаин и марихуана.

Претходна вестВработените во Паркови и зеленило добија плата
Следна вестКонче со Благој Илиев ќе биде подобро место за живеење, народот тоа го знае, кажа Димитријевиќ