Николоски во МВР, Муцунски оди во МНР, Кочовска пак во финансии, Панче Тошковски оди во правда? – Телма ги открива новите министри

4880

Дали тројца од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ, се подготвуваат за министерски позиции? Во недостиг од официјални информации, додека новата влада се крчка заткулисно, неофицијално провејува дека таа во најголем дел е веќе составена: Александар Николоски е највисоко на листата за иден министер за внатрешни работи, Тимчо Муцунски за надворешни работи, а Гордана Димитриевска-Кочовска за финансии.

Техничкиот министер, Панче Тошковски е предложен за министер за правда, додека во Труд и социјала и Информатичко општество, би останале сегашните технички заменици, Ѓоко Велковски и Стефан Андоновски.

На ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе им останат и Mинистерствата за економија и земјоделство.

За партнерите од „Вреди„ се резервирани Министерството за политички систем, на чие чело би застанал Изет Меџити, Министерството за здравство, каде би се вратил Фатмир Меџити, како и министерски позиции во култура и образование.

Го бараат и спикерското место во Парламентот, но за тоа уште се преговара. Се подготвуваат и две нови министерства – за енергетика, рударство и минерални суровини и за спорт. За eнергетика се спомнува Сања Божиновска, енергетски експерт, која живее и работи во Прага.

Во тајност се држат и имињата на тројцата пратеници, за кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека ќе се приклучат кон коалицијата „Твоја Македонија“, со што е обезбедено мнозинство од 61 пратеник.

Пратениците од НСДП, Горан Мисовски и Соња Мираковска, негираат дека ќе преминат на спротивната страна. Не сакаа да дадат изјава, но телефонски ни потврдија дека во Собранието ќе делуваат опозициски. Како и на кој начин, односно, дали можеби ќе делуваат независно, ќе одлучат партиските органи по конститутивната седница.

Пратеничката од ЛДП, Моника Зајкова, пак, не сака да коментира шпекулации. Вели дека, партијата во моментот е насочена кон тоа што се случува во петтата изборна единица, каде коалицијата за Европска иднина има големи шанси да добие уште еден пратеник. Станува збор за пратеникот Боби Мојсоски за чиј мандат треба да се освојат 110 гласови повеќе од изборите, кога мандатот му припадна на Исмаил Јахоски од ДУИ.

Пратеникот Сали Мурат од Движењето на Турците во Македонија за правда и демократија, исто така тврди дека останува во коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ, без разлика дали тие ќе останат во опозиција.

Трансфер негира и пратеникот Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците, кој исто така останува дел од „Европскиот фронт“, со кои настапи заедно на изборите. Тврди дека немало ниту разговори со друга партија.

Во меѓувреме, работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Вреди“вчера ја одржаа првата средба за состав на новата влада. И од двете страни средбата ја оценија како позитивна и конструктивна.

Далиборка Демјанска Цветановска

Извор: Телма

претходниот член,„Вреди“ ја добива позицијата претседател на Собрание!?
Следната статијаГрад, грмотевици, поројни дождови, силно невреме го зафати кумановско